Министерството за економија веќе предложи до Собранието измени и дополнувања на Законот за трговија со кои се овозможува работа во недела и празници на сите трговци на мало и на големо во туристичките места, утврдени со Законот за туристичка дејност, кажа Министерот за економија Крешник Бектеши при денешната посета на охридско-струшкиот регион.
Бектеши при обиколката на Охридската чаршија каде оствари средба со стопанствениците истакна деке законските измени се веќе во собраниска процедура и во зависност од работата на Собранието очекува најмногу за две недели овие законски измени да бидат изгласани и да стапат на сила со почетокот на туристичката сезона.
„Измените на Законот за трговија во делот на „Недела неработен ден“ се во собраниска процедура, со нив им се дава можност на сите трговци во туристичките места да можат да работат и во недела и празници преку целата година. Овие измени дополнително ќе ја поттикнат економската активност во земјата, посебно во туристичките места“ кажа Бектеши и потенцираше дека измените се донесени со заеднички дијалог во инклузивен процес со сите засегнати страни, а работниците во трговските објекти кои ќе работат во недела ќе добијат дневница поголема за 100 проценти, а останатите во дејностите кои се определени согласно Законот за работни односи ќе добијат дневници поголеми за 50%.
“Имајќи ги во предвид податоците кои што ги имаме од Државниот завод за статистика за раст на бројот на туристи во првиот квартал, а и очекувањата за бројот на туристи согласно веќе направени резервации за странски туристи кои ќе ја посетат Северна Македонија оваа летна сезона, посебно Охрид и Струга овие законски измени очекуваме дека ќе придонесат за уште поуспешна сезона. Министерството за економија и Владата ќе продолжат со креирање на мерки за поттикнување на домашниот туризам со цел за зголемување на бројот на домашни и странски туристи во земјата“ кажа Бектеши.