Асоцијацијата на спортските обложувалници на Македонија (АСОМ) реагира на наводите на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) за наводно перење пари и злоупотреба на лични податоци во спортските обложувачници.
Од таму велат дека податоци за играчите во обложувачниците се земаат од играчите како би се задржал данокот на личен доход во висина од 15 % од сите добитни тикети.
Овие податоци, велат од АСОМ, се земаат во име и за сметка на државата, а средствата се уплатуваат на дневно ниво во државната каса.
„Обложувачниците немаат никаква потреба дополнително да ги обработуваат овие податоци и тие се користат исклучиво за плаќање на данокот на личен доход од 15 % во име и за сметка на државата и за ниту една друга намена. Пред наметнувањето на оваа давачка спортските обложувачници никогаш не побарувале податоци или обработувале податоци од играчите, ниту имаат потреба од нив“, се наведува во реакцијата.
Дополнително, велат од АСОМ, ДКСК во изјавата неосновано споменува перење пари, без никакво образложение за тоа.
„Нагласуваме дека не може да постои перење пари доколку за исплатените средства е пресметан и платен данокот на личен доход. Обложувачниците уште од 2012 година се поврзани на Надзорниот информациски систем (НИС) на кој се евидентираат во реално време сите уплатени и исплатени тикети, со што евентуалната манипулација е сведена на нула. Освен на НИС, обложувалниците се поврзани и со Управата за финансиско разузнавање (УФР), до која се доставуваат податоци за уплати и исплати. Во согласност со ова, сакаме да констатираме дека државата предвидела ефикасен механизам за контрола на работењето на обложувачниците без можности за грешки“, велат од АСОМ.
Во однос на личните податоци на играчите, од таму велат дека земените податоци од играчите се чуваат само до моментот кога ќе се плати данокот на личен доход, а тоа е на дневно ниво и до нив пристап има само обучен кадар, кој работи во согласност со посебни протоколи и во согласност со позитивните законски прописи за Заштита на личните податоци.
„Податоци за играчите во обложувачниците може да се појават само и исклучиво ако играчот дојде да подигне исплата за тикет и ја приложи својата лична карта на увид, од која се запишуваат потребните податоци според Законот за личниот доход.
Не може податок за некој играч да се појави доколку лицето никогаш не остварило добивка и не оставило свои податоци при подигнување исплата на тикет. Асоцијацијата на спортските обложувачници на Македонија со жалење констатира дека ваквите информации ја доведуваат јавноста во заблуда и директно влијаат врз кредибилитетот на целата гранка.
Ги повикуваме институциите на системот во целост да ги истражат отворените сомнежи, пред сѐ, во интерес на спортските обложувачници што работат во согласност со сите законски прописи во државата и немаат апсолутно никаков интерес од какви било финансиски малверзации и/или злоупотреба на лични податоци“, се наведува во реакцијата.