• Thu. Nov 21st, 2024

Ана и Ивана Мазнејкови ја кренаа на нозе Филхармонија

Восхитувачки настап на новите ѕвезди на македонското концертно небо. Вака присутните го опишуваат настапот на младите пијанистки, сестрите Ана и Ивана Мазнејкови, на двата концерта со Филхармонија. Вчера и денес, тие свиреа рамо до рамо со искусните музичари од Филхармонија и ги собраа сите комплименти од воодушевената публика.

Македонската филхармонија секоја година планира и реализира концерт за деца. За оваа година институцијата, поточно диригентот Ангел Спироски ги покани Ана Мазнејкова и Ивана Мазнејкова како солисти. Тие се првите деца солисти поканети на ваков настан. Досега концертите биле оркестарски или евентуално со кратко дело за солист, кој доаѓа од редот на членовите на оркестарот. Поканата Мазнејкови ја добиле минатото лето, и оттогаш почнале постепените подготовки за концертот, иако со паузи, поради бројните други ангажмани на младите пијанистки.

Сестрите Мазнејкови го свиреа „Карневалот на животните“ од францускиот композитор Камиј Сен-Санс.

Зоолошката фантазија “Карневал на животните” се состои од 14 ставови и во секој став е претставено некое животно, неретко и преку животните композиторот сакал да преслика човечка карактеристика, а оди и дотаму што се обидува на пародичен и сатиричен начин да спомне некои од композиторите и нивните дела.

1. Претставување и кралскиот марш на лавот: го отсликува влегувањето на лавот во арена најавено со фанфари и неговото рикање.

2. Кокошки и петли: го имитира кокошкиното кокодакање и кукурикањето на петлите со употреба на мотиви од свитата за харпсикорд на Рамó.

3. Хемиони: го отсликува галопирањето на средно-азиските диви магариња низ степите и тибетските висорамнини.

4. Желки: кои играат кан-кан во бавно темпо, при што креира комичен ефект преку кој сакал да го исмее тогаш појавениот нов скандалозен танц во Париз, односно ставот е сатира на сатира (сатира на Офенбаховата оперета “Орфеј во адот”, која пак е сатира на грчкиот мит за Орфеј и Евридика)

5. Слон: се обидува неспретно да го изигра Валцерот на самовилите од Х. Берлиоз во бавен и неспретен манир.

6. Кенгури: двете пијана го имитираат скокањето на кенгурите.

7. Аквариум: е цртеж на молчаливиот подводен свет.

8. Карактери со долги уши: виолините имитираат магарешки рик и во овој став преку именувањето на истиот очигледна е намерата да се опише карактерна особина.

9. Кукавицата во длабоката шума: двете пијана ја доловуваат атмосферата на темната, осамена шума, а кларинетот – кукањето на кукавицата.

10. Птичарник: е звучна слика на птици кои пеат арии и дуети затворени во голем кафез.

11. Пијанисти: претставува слика на двајца невешти ученици кои вежбаат технички вежби и скали во стил на Ханон и Черни, и постојано грешат, сѐ до моментот кога ќе станат умешни во вештината на свирење пијано.

12. Фосили: авторот си поигрува со мешање на неколку познати француски мелодиии како детската песна “Трепкај, трепкај ѕвездичке”, сопствената “Танцот на смртта”, неофицијалната химна на Второто Француско Царство “Заминувајќи за Сирија”, фрагменти од популарни мотиви од “Севилскиот берберин” на Росини итн., а во истовреме имитирајќи го тропањето на коските на скелетот.

13. Лебедот: една од највпечатливите и најпознатите мелодии која го претставува грациозното движење на лебедот по површината на водата.

14. Финале: содржи делови и елементи од сите претходни ставови во вид на марш на сите животни, слично на завршното претставување на животните-учесници во циркуско шоу.

Ивана Мазнјекова е матурантка во средното музичко училиште „Сергеј МИхајлов“ во Штип, додека Ана учи во основното музичко училиште „Боро џони“ во Струмица.