• Mon. Nov 25th, 2024

Македонија ќе ја добие вакцината против Ковид-19 на почетокот на идната година

Очекувањата се вакцината против коронавирус Македонија да ја добие во првите месеци од идната година, најави министерот за здравство, Венко Филипче. Тој вели дека во согласност со сегашната динамика вакцината треба да ја имаме во јануари-февруари.

Во однос на начинот за обезбедување, министерот посочи дека тоа е можно преку ковакс-механизмот. Понуди за набавка на вакцината има и од грчкиот премиер, Киријакос Мицотакис, и од полскиот амбасадор во Македонија.

„Верувам дека ќе дадат одобрување по таканаречената ургентна постапка и дека до Нова година, такви се очекувањата, компаниите ќе добијат дозволи и двете вакцини да бидат дистрибуирани. Ние ги очекуваме преку ковакс-механизмот. Тој механизам значи дека секој еден производител, меѓу кои се и овие две компании, како што ќе ја добијат дозволата за употреба, таму ги даваат дозите, и тие еднакво се распоредуваат на сите земји што учествуваат во тој механизам. Секоја следна компанија што влегува во тој механизам ги дава и своите дози вакцини. Ние го потпишавме договорот, Владата даде согласност и обезбеден е буџет“, рече Филипче.

Тој посочи дека грчкиот премиер Мицотакис му понудил на премиерот Зоран Заев, Грција да набави вакцини и за Македонија.

„Ги очекуваме вакцините преку овој механизам, да повторам дека имаме и две други понуди. Една од Полска преку полскиот амбасадор и друга преку премиерот Мицотакис, кој директно на нашиот премиер Заев за време на нивната последна средба на самитот во Солун му покажал добра волја и можност да бидеме дел од нивната набавена количина, која како земја членка на Европската Унија е обезбедена со директен договор со компанијата“, додаде Филипче.

извор: Макфакс

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *