• Sat. Dec 21st, 2024

Отпечатен прирачник за аутизам

Неодамна од печат излезе прирачникот за родители на деца со состојби од аутистичен спектар и професионалци од нивниот круг на поддршка.

Прирачникот е публикуван на три јазици: македонски, англиски и албански јазик, а финански е поддржан од канцеларијата на УНИЦЕФ во Македонија и Министерството за надворешни работи на Велика Британија.

Тој нуди пристапи, практики и сугестии базирани на докази за родителски вештини за деца и млади со аутизам.  Истовремено, овој прирачник е вредна алатка што ќе им користи на разни профили професионалци вклучени во поддршката на децата во нивната секојдневна работа.

Прирачникот „Поддршка на социјалниот развој и позитивното родителство“ претставува прво вакво четиво. Во него се обработени 7 поглавја, со кои целосно се опфатени курикулумот за едукација на професионалци и родители и обуките реализирани во неколку јавни установи од социјалната заштита и преку серија виртуелни работилници и вебинари во периодот од јануари до јуни 2020 година.

Воведниот дел, во кој се дадени основните карактеристики на ова первазивна состојба, е подготвен врз основа на материјалот изработен од проф. д-р Владимир Трајковски, користен за потребите на обуките. Второто поглавје ги опишува развојните аспекти на социјалните вештини и социјалната комуникација и најчестите предизвици со кои се соочуваат децата со аутизам. Во третото поглавје се дадени насоки за процена на социокомуникациските вештини и рамка за планирање на интервенцијата. Четвртото поглавје ги објаснува практиките базирани на докази и видовите пристапи во подучувањето на оваа ранлива категорија деца.

Овие три поглавја се подготвени врз основа на материјалот користен за потребите на обуките, а изработен од м-р Ивана Василевска-Петровска. Во петтото поглавје големо внимание е посветено на начините и алатките за поддршка на детето, и тоа: организациска поддршка, социјалната поддршка, поддршката на комуникацијата и бихејвиористичка поддршка. Петтото поглавје е подготвено врз основа на материјали изработени од м-р Ивана Василевска-Петровска и проф. д-р Владимир Трајковски, кои беа користени за потребите на обуките.

Во поново време се зголемува и разбирањето за огромното влијание на сензорната чувствителност кај состојбите од спектарот, па на оваа тема е пристапено од практичен аспект во шестото поглавје, кое е подготвено од проф. д-р Владимир Трајковски. Последниот дел, но не и најмалку важен, се сексуалниот развој и сексуалната едукација, неизоставно поврзани со социјалното однесување на децата. Седмото поглавје е подготвено врз основа на материјалите искористени за потребите на обуките, а изработени од м-р Тања Станкова.

Прирачникот изобилува со голем број илустрации и примери од практиката, кои ќе бидат од голема помош за професионалците и родителите.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *