Станарите од зградата на улицата Мајка Тереза во Струмица, бараат да се спроведе истрага и да се превземе одговорност откако завчера попладне се случи инцидент со лифтот во зградата којашто е во функција едвај две години. Жителите велат дека за малку е избегната трагедија во лифтот кој попладнето додека во него се возело седумнаесетгодишно девојче, почнал неконтролирано да тресе, излегувал чад и се виткале внатрешните врати.
Станарите коментираат дека најмалку шест месеци имало проблем со вратата на лифтот и редовно го алармирале управителот на зградата. Фирмата управител, Техно хигиена, вели дека сервисерот редовно го контролирал лифтот и не е констатиран досега проблем. Според него лифтот е набавен од еден од највалитетните турски производители.
Управителот вели дека поради настанатиот проблем, лифтот ќе го одјави во министерството за економија и ќе чека увид од техничка инспекција којашто ќе утврди како настанало заглавувањето и виткањето на заштитините врати.
Станарите велат дека бараат увид во целокупната документација за зградата за што поднеле барања до секторот за урбанизам и инвеститорот.
Од струмички урбанизам велат дека употребните дозволи не ги издаваат тие туку лиценциран надзорен инжинер. Инвеститорот, пак, за Канал Вис рече дека документацијата за зградата е достапна во секторот за урбанизам, а бидејќи зградата е предадена во употреба пред повеќе од две години, одговорност за евентуалните проблеми ќе треба да се бара во фирмата управител.