Зоран Маџиров (14 јануари 1968 во Струмица – 9 мај 2017 во Скопје) — македонски музичар.
Зоран Маџиров пораснал во музичкото семејство и првото знаење за џез-тапаните ги добил од својот татко. Потоа започал да учи пијано, труби и удиралки. Заминува за Германија, каде што студиите по музика ги продолжил во Минхен и на Универзитетот во Келн. Во Европа настапувал заедно со триото Les Barons Karamazoff, со кое реализирал два проекта: Historical recordings и Pytagora’s glasess and lute.
Го револуционаризирал концептот на соло-перкусионист, свирејќи ги делата на класични композитори, од калибарот на Игор Стравински и на Моцарт. Со триото Les Barons Karamazoff настапил на Скопскиот фестивал 2000 година, каде ја воодушевил домашната публика со своето виртуозно свирење на шишиња, чаши и останати необични инструменти. На 25 август 2000 година со својот квартет настапил на кумановскиот Летен џез фестивал.
За Музичката и касетна продукција при Македонска радио-телевизија кон крајот на 2000 година го објавува својот прв домашен компакт диск Home.