494 милиони денари за осигурување вложиле над 281.000 граѓани за три месеци.
Петте компании за животно осигурување, во првиот квартал, склучиле нови 14.000 договори со кои животите ги осигурале над 20.000 граѓани. Од вложените 494 милиони денари за осигурување во класичните осигурителни производи : ризико и осигурување со штедна компонента се вложени 6,3 милиони евра. Останатите се инвестирани во „јунит линкд“ осигурување
Нови 20.000 граѓани го осигурале животот во првите три месеци годинава. Вкупниот број на граѓани кои имаат животно осигурување надмина 281.000. Тоа е за 8 отсто повеќе осигурени лица во споредба со крајот на претходната година. Во првите три месеци во осигурување живот граѓаните вложија 494 милиони денари (8 мил.евра), покажуваат официјалните податоци на АСО.
Од вложените 494 милиони денари за осигурување најбројни се вложувањата во таканареченото ризико – осигурување.
Повеќе од 220.000 граѓани имаат ризико осигурување. Тоа е за речиси 20.000 осигуреници повеќе во споредба со крајот на 2021 година.
Овој продукт вклучува осигурувањето на животот на осигуреникот. Во случај на негова смрт се исплаќа осигурена сума на член на семејството, сопружник или друг корисник на осигурувањето. Кај овој вид осигурување доколку не се случи ризикот до истек на договорот за осигурување сите вложени средства ги задржува осигурителната компанија.
Осигурување живот со штедна компонента, на крајот на март годинава, имаат 50.000 граѓани. Овој продукт овозможува на осигуреникот по истек на договорот за осигурување своето вложување да го добие како заштеда со камата.
До крајот на март годинава околу 11.000 граѓани имаат животно осигурување популарно наречено „јунит линкд осигурување“. Кај оваа класа дел од парите уплатени за осигурување живот се вложуваат во инвестициски фондови. Пазарните цени зависат од движењата на регионалните и глобалните пазари на капитал.
Токму заради тоа што вредноста на овие вложувања зависи од берзите ризикот од вложувањето во овој производ го превзема осигуреникот. Тоа значи дека на истекот на периодот на кој е склучен договорот за осигурување износот на парите што треба да ги добие осигуреникот ќе зависи од пазарните (т.е. берзанските) цени на уделите на инвестициските фондови во кои биле вложувани парите од животното осигурување.
За повеќе информации во врска со производот Агенцијата ги информира граѓаните на официјалната веб страница.
Од вкупните вложувања во животно осигурување во првите три месеци, 387 милиони денари (6,3 мил.евра) се вложувања во класичните осигурителни производи : ризико и осигурување со штедна компонента. Вложувањата во „јунит линкд“ осигурување за овој период достигнаа 107 милиони денари (1,7 мил.евра).
Петте компании за осигурување живот во првите три месеци годинава исплатиле вкупно 180 милиони денари (2,9 мил.евра) на своите осигуреници по основ на доживување, раскинати договори или по основ на случена смрт.
Минатата година беше рекордна од аспект на вкупните вложувања во осигурување живот кои надминаа 2 милијарди денари (32,5 мил.евра).
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.