49 пациенти кои оделе на дијализа починале како последица од COVID-19
Четириесет и девет пациенти кои оделе на дијализа починале како последица од корона вирусот што е за околу 5 проценти повеќе во споредба со морталитетот што е забележан на годишно ниво кај овие пациенти.
– Од 1.608 пациенти кои одат на дијализа, 288 биле позитивни на COVID-19, а од нив 49 се смртни случаи, што е околу 17 проценти. На годишно ниво, морталитетот кај овие пациенти е околу 10-12 проценти што е за околу 5 проценти повисок морталитет заради пациентите кои биле ковид-позитивни, истакна синоќа д-р Гоце Спасовски од Клиниката за нефрологија во емисијата „Топ тема“ на телевизија Телма.
Во однос на пациентите кај кои е извршена трансплантација, д-р Спасовски информира дека од 228 пациенти, 17 биле позитивни, а тројца ја изгубиле битката со вирусот.
– Во тотални бројки, од бубрежно болните, вкупно позитивни биле 305 пациенти, а 52 се починати што е околу 16,7 проценти, подвлече Спасовски.
Апелираше до пациентите да се вакцинираат со било која вакцина, бидејќи, според него, сите се безбедни.
– Пожелно е со било која вакцина да се вакцинираат. И да прележале COVID-19, тие немаат доволно развиен имунитет, ниту во клеточниот имунитет, ниту во оној со антитела за да може да кажеме дека ќе останат безбедни. Значи, тие и по месец дена од прележан COVID-19 повторно треба да се вакцинираат, нагласи доктор Спасовски од Клиниката за нефрологија.