На 20 ноември истече рокот за прибирање коментари во врска со Нацрт-законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк. Граѓански здруженија стравуваат дека доколку се усвои онака како што е предложен, овој закон ќе овозможи изградба на нови мали хидроцентрали на Шара, во услови кога негативното влијание од постоечките хидроцентрали врз природните вредности, но и животот на локалното население, силно се чувствува.
Вкупно 44 здруженија се обратија до надлежните со заеднички став, барајќи закон кој ќе спречи хидроцентрали на оваа планина.
„Доколку се реализираат зацртаните планови, во идниот национален парк ќе има најмалку 40 мали хидроцентрали! Имајќи предвид дека врз основа на овој закон ќе се изработи Планот за управување со националниот парк, а кој се донесува за период од 10 години – Законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк, наместо долготрајна заштита, може да обезбеди законска рамка за долготрајно уништување“, стои во здружената реакција.
Покрај ова, тие бараат Министерот за животна средина, согласно со член 97 од Законот за заштита на природа, да ја стави Шар Планина во привремена заштита.