ТВ Канал ВИС денеска одбележува 31 година од своето постоење. На 11 октомври 1991 година, ТВ Канал ВИС почна да зрачи во македонскиот етер, зачувувајќи ја за себе позицијата на прва приватна локална телевизија која останува запишана во историјата на македонското новинарство.
Низ повеќе од трите децении постоење, ТВ Канал ВИС од локална прерасна во регионална телевизија со препознатлив бренд на професионално, одговорно и критичко информирање. Низ годините, тука се појавија и созреаја врвни новинарски имиња кои својата кариера ја продолжија и во националните медиуми.
Во богатото портфолио на телевизијата остануваат запишани телевизиските прилози, стории, приказни, дебатните како и тематските емисии кои се дел од сопствената продукција со која нашиот медиум посредува во креирање на јавното мислење, во актуелизирањето на проблемите на заедницата и подавањето рака на оние на кои им е најпотребна.
Од мигрантската криза, до Ковид епидемијата, од поплави до пожари, но и од радосни мигови на споделување задничка среќа, во спортски победи, а некогаш и падови, музички и културни настани, секаде и секогаш заедно со публиката беа и се екипите на ТВ канал ВИС.
Точно, навремено и професионално информирање на нашите гледачи, на нашата верна публика која воедно е и наш главен критичар и коректор, останува и понатаму патот по кој тимски чекориме.
Како одговор на модерното време, ТВ Канал ВИС разви дигитални алатки по примерот на Граѓански новиар, преку кои, граѓаните лично и многу бргу јавуваат за одреден проблем во нивната задница. Преку 50 информации и решени проблеми се досегашниот позитивен биланс од оваа алатка која и понатаму останува и е актуелна за нашите сограѓани, како од Струмица така и до целиот Југоисточен регион.
Да се влезе во домот на 200.000 граѓани преку телевизиските екрани е тешка и високо одговорна работа, која бара голема посветеност и љубов, а тоа досега низ овие 31 година го направиле над 100 врвни новинари, сниматели, монтажери кои оставиле печат врз севкупниот медиумски, но и општествен живот.
ТВ Канал ВИС и понатаму останува силно посветен на досегашната над тридецениска мисија- во ВИС е вистината.