Најмалите ученици од основното општинско училиште „Никола Вапцаров„ од Струмица, денес учествуваа на презентацијата за развивање на еколошката свест во Еко-бусот на популарниот ТВ-водител Ивце – Пивце. Преку интересна видео приказна тие се запознаа на кој начин се селектираат и рециклираат отпадоците. Видео-приказната беше проследена со помош на 3D очила што кај учениците предизвика големо воодушевување. Како дел од програмата беше и едукативниот квиз за развивање на еколошката свест.
Според директорот на ООУ „Никола Вапцаров,“ Борис Иванов, овој проект го привлекло и задржало вниманието на учениците. Иако како што вели, секојдневно учат за значењето на екологијата, со овој проект учениците уште повеќе научиле како да собираат пластичен отпад.
Проектот 3Д Еко-бус трае две години. Досега повеќе од 45.000 ученици имаат влезено во автобусот, а заклучно со Струмица ќе бидат 47.000 ученици.