20-тина дрвца беа засадени на повеќе локации во Струмица по повод Часот на планетета Земја, кој ќе се одбележи утре во повеќе градови низ светот. Општинската организација на Црвен крст од Струмица, во соработка со Општина Струмица и ЈПКД „Комуналец„ Струмица, активно се вклучија во реализирање на првата активност од најмасовната еколошка акција, која беше насловена како Парк на планетата Земја.
-„Волонтерите при О.О на Црвен крст, Струмица заедно со ученици од општинските средни училишта, засадија дрвца по повод Часот на планетата Земја. Акцијата има за цел да ја разбуди свеста кај граѓаните за поубава, почиста и зелена средина за живеење„-рече Заге Каменчева од О.о Црвен крст, Струмица.
Со исклучување на уличното осветлување на градскиот плоштад, утре Струмица ќе се вклучи во одбележувањето на светски познатото движење „Час на планетата Земја“.
-„Ги повикуваме сите граѓани да земат активно учество во најмасовната еколошка акција. Во периодот од 20:30 до 21:30 минути, 7000 градови низ светот, меѓу кои и нашиот град ќе потонат во мрак. Логото 60+ означува 60-минутно исклучување на светилките„-додаде Каменчева.
Осветлувањето во Македонија ќе биде исклучено во 20:30 часот по локално време во период од еден час, кога во мрак ќе бидат над 178 земји и 7.000 градови во светот.