• Tue. Nov 26th, 2024

134 нови случаи на мали сипаници за една недела

Продолжува трендот на регистрирање голем број заболени од мали сипаници во државата – во минатата недела бројот на новозаболени изнесуваше 134. Иако во  последните десетина недели овој број е околу 100 случаи, ова е највисоката бројка од почетокот на епидемијата, информира денеска д-р Гордана Кузмановска, епидемиолог од Институтот за јавно здравје.

А министерот за здравство, Венко Филипче, претходно изјави дека очекува бројот на заболени од морбили да почне да опаѓа по завршувањето на учебната година.

Од новозаболените, 48 се од Скопје, а останатите 86 се од десет други градови со што вкупниот број на зафатени градови изнесува 22.

Досега се регистрирани вкупно 1.524 заболени, а најголем број се возрасни лица над 30 години, односно речиси половина.

–  70 отсто од сите заболени на неделно ниво се невакцинирани, со непознат статус или непотполно вакцинирани. Оние кои се родиле по 1971 година, кога се воведе оваа вакцина, но и родените пред тоа кои се невакцинирани или во период од 1971 до 1997 година примиле само една доза, тоа не е доволно за заштита од ова тешко заразно заболување. А и кога вирусот поминува низ невакцинирано население, како што е кај нас во случајов, добива на инвазивност – вели д-р Кузмановска.

Таа додаде дека очекуваат и во наредниот период бројот на заболени да се одржува и не очекуваат брзо намалување и привршување на епидемијата.

– Со тешки компликации, во смисла на бронхопнеумонија, дијареа и други потешки инфекции се околу 16 отсто од сите заболени, но бројката во однос на хоспитализираните е нешто повисока и се движи повеќе од 40 отсто – додаде д-р  Кузмановска.

Вкупно вакцинирани деца до 14-годишна возраст од почетокот на кампањата досега се 25.808.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *