Министерството за локална самоуправа и општина Струмица заеднички ќе обезбедат средства во висина од 8 милиони денари за реконструкција на опожарениот Дом на култура во населеното место Куклиш. Ова информација ја потврди министерот Горан Милески на својот Фејсбук профил.
-Изгорениот и уништен објект на поранешниот Дом на културата во село Куклиш, Струмица го враќаме во функција. Министерството за локална самоуправа заедно со Општина Струмица, на иницијатива на градоначалникот Костадин Костадинов во сооднос 50% – 50%, ќе инвестираат оваа година осум милиони денари за обновување на Домот на културата во Куклиш. Со реализација на првата фаза од реконструкцијата на објектот го правиме првиот чекор на враќање на културата и културните настани и во руралните средини во Струмица, напиша министерот Милески.