113 земјоделци од Југоистокот аплицирале за ИПАРД, информираат од Платежната агенција. Оттаму велат дека сите се однесуваат за кофинансирање за купување трактор или приклучна механизација.
-Од нив, 71 апликанти целосно ги исполниле условите и се потенцијални апликанти за добивање на средствата за набавка на трактори со приклучна механизација, само трактори, или само приклучна механизација. Од тие 113 земјоделци кои ги исполнуваат условите за добивање на средствата, 95 апликанти имаат целосни апликации и се потенцијални за набавка на трактори, или трактор заедно со приклучна механизација, додека останатите 18 апликации се само за механизација, стои во писмената информација од Платежната агенција.
Од 71 потенцијален корисник, четворица веќе склучиле договор за набавка на трактори или трактор со механизација, по што ќе следи и нивна набавка. Во наредниот период како што ќе се докомплетираат целосно апликациите на преостанатите барања така ќе се склучуваат и договорите.
Со овие нови машини и средства, освен што ќе им се олесни работата на земјоделците, ќе се унапреди сосојбата на фармите, но, и на земјоделските стопанства, што пак од друга страна ќе значи и зголемено производство, како и зголемен извоз на домашните земјоделски производи.
Инаку деновиве беа потпишани првите 13 договори од вкупно 692 потенцијални корисници на средства од ИПАРД 2 Програмата. Вкупната поддршка за набавка на трактори од ИПАРД 2, е околу 5,8 милиони евра. Од нив над 1,4 милиони евра се од Националното финансирање, додека близу 4,3 милиони евра се од Европските средства. Со оваа сума ќе бидат опфатени сите што имаат комплетни апликации. Најголем дел од апликации има од Пелагонискиот, Вардарскиот а по нив следат југоисточниот, североисточниот и југозаоадниот регион.