• Sun. Nov 24th, 2024

10во12 – Изложба на дела мал формат на Костадин Батев во Струмица

ByЃ. K.

Apr 5, 2024

Здружението за развој на културата и заштита на културното наследство „Контекст-Струмица“ во соработка со кафе бар „Нагоре“, како дел од неформалниот тековен концепт-проект #ЅидНаУметноста, оваа сабота, 6 април 2024 година во 21 часот ќе ја отворат изложбата на дела мал формат насловена „10во12“ на ликовниот уметник Костадин Батев.

„Во овој избор насловен „10во12“ ќе видиме 12 дела изработени во мал формат изминативе 10 години. Тие претставуваат своевиден пресек на една декада творење на Костадин Батев и претставуваат целина од неколку засебни минијатури, графики и акварели кои коегзистираат и како засебни единки и како целина. Костадин Батев е познат на струмичката публика, неговото творештво е веќе дел од колективната меморија на струмичките колекционери и љубители на уметноста, тој како учесник на Меѓународната ликовната колонија и со своја самостојна изложба веќе ги има претставувано своите сликарските светогледи пред своите сограѓани. Големиот формат кој е вообичаена работна површина за одомаќинување на разновидните претстави од имагинативниот свет на Батев се импозантни, неговиот стил на сликање е автентичен, не само во рамките на македонската ликовна сцена, туку и пошироко.

Во овие дела мал формат, внимателно одбрана селекција за изложбата „10во12“, имаме уникатна прилика да го погледнеме, доживееме и препознаеме интимното илустрирање на внатрешните карпатести пречекорување, премостувања на Батев, метаморфозирање на емотивната потреба од преобмислување и редефинирање на спознаеното, тивок божествен восклик, но и деконструирање на традиционалните доживувања на формата, специфична фигуративност облеана со силен колорит, жестоки движења при создавањето и сурови и груби, но сепак маркантни потези кои симболизираат сигурност при формирањето на неговите ликовни светови.“ – ќе напише во освртот кој изложбата „Колоритна бура од емоции или премрежја во космосот“, вели Митко Гогов од „Контекст“.

Костадин Батев е роден 1979 година во Струмица. Средно учулиште завршил во УПУ „Лазар Личеновски“ – Скопје во 1997 година, а во 2004-та година дипломира на ФЛУ, отсек сликарство со графички дизајн во класата на проф. Вело Ташовски. Член на ДЛУС од 2000-та година, а зад себе има 6 самостојни изложби и голем број групни изложби и ликовни колонии.

By Ѓ. K.