Еден маж е во критична состојба а друг полесно повреден откако попладнево паднале од вториот мост на трим патеката Свети Илија во Струмица. Потешко повредениот паднал во дол длабок 25 метри а вториот се задржал на висина од три-четири метри. Веднаш интервенирале пожарникарите од струмичката противпожарна единица, коишто со помош алпинистички јажиња но и во присуство на полицијата и рекреативците ги извлекле од бедната.
„По дојава од минувачи, некаде околу 17 часот, дека двајца мажи паднале во провалија, отидовме на трим патеката „Свети Илија“, кај вториот мост, и видовме дека мажите се паднати на различна длабочина. Едниот беше на околу три0четири метри и беше полесно повреден, прво пристапивме кон негово извлекување, со помош на алпинистички јажиња. Потоа со помош и на полицијата и присутните рекреативци, се спуштивме на длабочина од околу 25 метри за да го извадиме и другиот којшто беше потешко повреден,“ рече Вернер Стоилов од Тппе Струмица.
Настанот се случил пред очите на голем број струмичани коишто трим патеката ја користат за рекреација. Дел од очевидците велат дека станува збор за повозрасни мажи.
Од струмичката општа болница потврдија дека се примени две лица, од кои едното поради сериозните повреди е транспортитано до Клиничкиот центар во Скопје, а вториот е задржан на лекување во Струмица, но не сакаа да даваат детали за нивната состојба.
Сузана Мицева