• Sat. Nov 23rd, 2024

101 година од раѓањето на Блаже Конески

Пред точно сто и една година, на 19 декември 1921, во прилепското село Небрегово е роден академик Блаже Конески, еден од најистакнатите македонски културни дејци, писател, врвен поет и научник, чие творечко истражување дало огромни резултати во македонската литература, во областа на граматиката и во историјата на македонскиот јазик, како и во областа на културната историја на македонскиот народ.

Блаже Конески бил прв претседател на Друштвото на писателите на Македонија, прв претседател на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), почесен доктор на Чикашкиот универзитет и на Универзитетот во Врацлав.

Неговото прво дело, поемата „Мостот“, ја објавил непосредно по војната во 1945 година, а потоа следуваат „Земја и љубовта“, „Песни“, „Везилка“, „Лозје“, „Записи“, „Стари и нови песни“, „Чешмите“, „Послание“, „Светото на песната и легендата“ и други.

Автор е на повеќе значајни трудови, меѓу кои и на „Граматика на македонскиот јазик“, „Историја на македонскиот јазик“, „Македонскиот јазик во развојот на словенските литературни јазици и јазикот на македонската поезија“.

Во македонската современа општествена стварност како темели на македонскиот национален и историски идентитет е позната неговата максима: „Јазикот е нашата единствена целосна татковина“.

Меѓу бројните награди, добитник е и на „Златниот венец“ на „Струшките вечери на поезијата“ во 1981 година.

Од 4 јуни 1997 година Филолошкиот факултет во Скопје го носи неговото име.

Блаже Конески почина на 7 декември 1993 година.

За великанот од Небрегово, кој важи за еден од најзначајните личности во целокупната македонска историја, Министерството за култура лани објави и видео посветено на него, кое може да го погледнете во продолжение:

https://www.facebook.com/watch/?v=609627070295812

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *