• Fri. Nov 22nd, 2024

10 000 таблети за четвртоодделенци од семејства во социјален ризик

Министерството за образование и наука набави и дистрибуираше до училиштата таблети за ученици од четврто одделение од семејства во социјален ризик.Од вкупно 10.000 уреди, до сега се подигнати вкупно 3.000 таблети, соопшти министерството.

Со набавувањето на оваа опрема училиштата се подготвуваат за новата учебна година, со која во пракса започнува и имплементацијата на новата образовна Концепција за основно образование. Со новата Концепција се предвидува осовременување на образовниот процес, односно учениците од прво и четврто одделение ќе учат по целосно нови наставни програми и од нови материјали за учење, чија подготовка е во завршна фаза, е објаснето во соопштението од ресорното министерство.

Од оваа институција потенцираат дека во наставата во четврто одделение, новина е што предност ќе се даде на дигиталните учебници, кои ќе бидат само една алатка повеќе за успешно совладување на материјалот.

„За таа цел, МОН обезбеди таблети кои се наменети за учениците од социјално ранливи семејства. На овој начин, овозможуваме еднаков пристап на сите ученици до користење на современи средства за учење, односно даваме можност мултимедија при учењето да користат и учениците кои поради финансиски потешкотии тоа не можеа да си го дозволат порано“, велат од МОН.

Според нив, новите наставни програми треба да обезбедат поголема интерактивност за време на наставата и да го поттикнат креативното и критичко размислување кај учениците. Како што велат, сите промени се предвидени со новата Концепција за основно образование усвоена преку широка јавна дебата при што предвид е земено мислењето на сите засегнати чинители, а особено и на експертската јавност.

Имплементацијата на новата Концепција започнува етапно и е предвидено целосно да се воведе во деветолетката во следните 5-6 години, соопштија од Министерството за образование.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *