• Sun. Nov 24th, 2024

10во12 – изложба на дела мал формат на Костадин Батев

ByЃ. K.

Apr 9, 2024

Здружението за развој на култура и заштита на културно наследство „Контекст-Струмица“ во соработка со кафе бар „Нагоре“, како дел од неформалниот тековен концепт-проект „Ѕид на ументоста“, на 6 април 2024 година (сабота), ја отвори изложбата на дела мал формат насловена „10 во 12“ на ликовниот уметник Костадин Батев.

-Во овој избор насловен „10 во 12“ ќе видиме 12 дела изработени во мал формат изминативе 10 години. Тие претставуваат своевиден пресек на една декада творење на Костадин Батев и претставуваат целина од неколку засебни минијатури, графики и акварели кои коегзистираат и како засебни единки и како целина. Костадин Батев е познат на струмичката публика, неговото творештво е веќе дел од колективната меморија на струмичките колекционери и љубители на уметноста. Тој како учесник на Меѓународната ликовната колонија и со своја самостојна изложба веќе ги има претставувано своите сликарските светогледи пред своите сограѓани, стои во информацијата од организаторите.

Костадин Батев е роден 1979 година во Струмица. Средно училиште завршил во УПУ „Лазар Личеновски“ – Скопје во 1997 година, а во 2004-та година дипломира на ФЛУ, отсек сликарство со графички дизајн во класата на професор Вело Ташовски. Член на ДЛУС е од 2000 година, а зад себе има шест самостојни изложби и голем број групни изложби и учества на ликовни колонии.

Фото: Никола Станишлевиќ

By Ѓ. K.