Се ограничува времето кое работникот може да биде вработен на определено време. Работодавецот ќе може да држи работник на определено време најмногу две години, наместо сегашните пет, а потоа ќе мора да му го трансформира работниот однос на неопределено. Ова се измените што се содржани во Нацрт-верзијата на новиот Закон за работни односи што министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, го образложи во неколку наврати.
Според неа. предност е што во период од две години работодавецот нема да може да му дава на работникот да потпишува анекс на договорот секој месец, туку тоа ќе биде дозволено најмногу три пати. Тренчевска дополнува дека во законските одредби е ставена клаузула да не може еден работник секој месец да потпишува анекс.
Министерката информира дека на средбата со синдикатите барале максималното време за работа на определено да биде една година, а работодавците предлагале да остане исто – пет години или да се намали на најмалку три.
-Затоа периодот од две години е избран како компромис – вели Тренчевска и дополнува дека има и други придобивки за работниците како што е воведување на нови форми на работа, како што се „работа од дома“ и „работа од далечина“ што смета дека е особена придобивка за младите работници да изберат како ќе работат.