Општина Гевгелија преку Центарот за развој на Југоисточниот плански регион ќе аплицира за изработка на техничка документација преку прроектот на УНДП, „Градење на општински капацитети за проекти“.
Со овој проект, за кој советниците на последната седница на Советот на Општина Гевгелија дадоа согласност, постојната улица „Борис Кидрич“ од мостот на Сува река ќе се поврзе со државната граница со Република Грција . Овој пат е предвидено да има должина од 1211 метри, и широчина од 9 метри, со 3 метри тротоар.
Овој проект е продолжување на иницијативата на општина Гевгелија и прекуграничната општина Пеонија, во Грција, за отварање на регионален граничен премин кај Сеово(Идомени), за локален патнички сообраќај. Ваквата иницијатива е актуелна за време на пандемијата на коронавирусот, и потреба од воспоставување на еден ваков малограничен проток на граѓаните од двете страни на границата. Впрочем, и мостот на Сува река, е изграден со средства од Европската унија и е наменет токму за ваква иницијатива.