Советот за развој на Југоисточниот плански регион, вчера ја одржа 23 седница онлајн, на која беше утврдена листата на регионални приоритетни предлог-проекти за 2021 година.
За првпат, во усвоените концепт-решенија и ранг-листата преку спроведување прашалник на Втората форумска сесија учествуваа и претставници на општини, јавни институции, приватен и граѓански сектор.
Во листата на регионални приотитетни предлог-проекти за 2021 година, најмногу поени освои проектот за збогатување на туристичката понуда во Југоисточниот плански регион во општините: Kонче, Валандово, Дојран и Гевгелија. Во овој проект влезе и доизградба на локален пат до с. Хума во општина Гевгелија покрај изградба на пешачка патека кон граничниот премин Стар Дојран во општина Дојран, изградба на туристичка патека од манастирот „Св. Горѓи“ до Исар Кулата во општина Валандово и доизградба и опремување на конак во дворот на манастирска црква „Св. Стефан“ во с. Конче, општина Конче.
Буџет на проектот изнесува 23.017.239,00 денари со ДДВ. Проектот располага со комплетна техничка документација и одобрение за градба. Овој проект, кој е планирано да се спроведува во четири општини во Југоисточниот регион преку спроведување на низа активности, ќе придонесе кон поддршка и развој на различни видови на туризам во регионот и тоа: рурален, езерски, културен и црковен, планински, ловен туризам.
извор: о. Гевгелија