Немало насилство при подигањето на мртовецот, тврдат од Јавното обвинителство за инцидентот во Струмица.
Тие постапуваат по вчерашното подигање на мртовецот од Инфективното одделение во струмичката болница, откако полицијата ги извести за случајот.
ЈО веднаш издаде насоки да се извршат проверки и во моментов полицијата постапува по дадените наредби се испитува медицинскиот персонал и се работи на утврдување на идентитетот на тие што го подигнале телото, информира портпаролката на ЈО, Елизабета Недановска.
„Според првичните сознанија, од тоа што е во моментот утврдено од страна на Обвинителството, е дека немало насилство од лицата кои го подигнале телото кон медицинскиот персонал, ниту, пак, кршење или уништување на инвентарот или на медицинската опрема“, рече Недановска.
Досега е утврден идентитетот на три лица и откако ќе се утврди на сите и ќе се собере потребната документација до Обвинителството ќе биде поднесена кривична пријава.
„Во случајот најверојатно станува збор за кривична пријава за непостапување по здравствени прописи, затоа што со подигањето на телото е постапено спротивно прописите“, вели Недановска.