Реализацијата на минатогодишниот Буџет на општина Василево, градоначалникот Марјан Јанев ја оценува како просечна и потврда дека нереално биле планирани средствата за 2017 од претходното раководство. Од планираните 224 730 000 денари за минатата година, општината успеала да обезбеди и да потроши околу 145 000 000 денари или околу 64% од вкупниот Буџет.
Многу полоша е ситуацијата кај основниот Буџет ( парите што општината сама треба да ги обезбеди, без дотациите од државата). Од планираните 130 900 000 денари реализирани се околу 66 000 000 денари или во проценти, 50%. Единствено целосна реализација има кај Блок дотациите од државата , односно парите наменети за платите во училиштата. Кај самофинансирачките активности има реализација од 75%. Ова се однесува на одредени приходи на училиштата и градинките. Кај донациите, одноно средствата кои се обезбедуваат од министерствата, бироата и агенциите реализација е 57%.
„Ова е некоја просечна реализација на вкупниот Буџет на општина Василево која е резултат пред се на раководењето на претходната локална власт“, вели градоначалникот Јанев кој вели дека лани доспеаните а ненамирени обврски изнесуваат 1 016 000 денари, додека вкупниот долг на општина Василево со се училиштата и комуналното претпријатие заклучно со 2017 изнесува околу 100 милиони денари,
,, Како ново раководство ќе работиме на финансиска стабилизација на општината но и реализација на предвидените проекти што ги ветивме ,, беше дециден Јанев