Група од триесет и пет пoранешни пратеници потпишаа барање распуштeното Собрание повторно да се врати на заседание. Нивното барање е поддржано и од Владата и од претседателот на Републиката. Кон барањето се приклучи и Центарот за стратегиски истражувања при МАНУ. Наспроти нив се исправија Уставниот суд и поранешниот претседател на Собранието. Уставниот суд пресече на штета на поддржувачите на распуштеното Собрание. Излезот треба да се бара во избор на ново, а не во старото Собрание, пишува проф. д-р Светомир Шкариќ во блогот заРеспублика.
Поранешните пратеници убедени се дека не се распуштени, дека и натаму се пратеници до конституирањето на новото Собрание. Така, како што пишува во Изборниот законик. Примаат плата а не можат да ја вршат пратеничката функција. Се чувствуваат заложници, ставени во карантин. Се повикуваат на вонредната состојба, убедени дека таа го налага нивното неодложно враќање назад. Во тоа имаат поддршка и од некои помлади експерти и од министерката за правда.
Нека биде тоа што не може да биде
Владата е на страната на пратениците од други причини. Наводно, сака да биде под контрола за време на вонредната состојба. Стравува од преголемата моќ што ја црпи непосредно од Уставот. Сака во вонредната состојба да биде во иста положба како и владите на земјите со заокружен модел на парламентарната демократија. Затоа на двапати предлогот за прогласување вонредна состојба го испрати до Собранието, а не до претседателот на Републиката.
Претседателот на Републиката, по грешка на Уставот, се најде во потешка положба. Од една страна, ако Собранието не може да се состане, тој може самостојно да ја носи одлуката за прогласување вонредна состојба. Од друга страна, пак, веќе воведената вонредна состојба не може да ја продолжи без потврда на Собранието кое не постои. Затоа се послужи со правна финта, со херменевтичка нота, без да го прекрши Уставот. Одлучи да ја заборави старата и да прогласи нова вонредна состојба во траење од 30 дена. Не го направи тоа од желба туку од нужда.
Во ,,Анализата за правните аспекти на вонредната состојба“ на Центарот за стратегиски истражувања при МАНУ, на повеќе места, императивно се бара свикување на распуштеното Собрание, игнорирајќи го фактот што Уставниот суд пред четири години го фрлил на буниште. Авторите на анализата сметаат дека Собранието не е ни ,,распуштено“, дека е во трајно заседание и дека земјата не смее да биде ниту ден без претставничко тело на граѓаните. Убедени се дека не постојат правни пречки за негово повторно свикување и се чудат зошто не се свикува на повторно заседание. Бараат Уставниот суд да го расчисти патот, да интервенира и работите да ги стави на исправен пат: ,,Ако пратениците, односно нивните партии, не можат да постигнат консензус околу таквиот предлог, останува работите да ги пресече Уставниот суд со одлука за поништување на одлуката за распуштање на Собранието, и со тоа враќање на работите на нивниот исправен пат“.
Шекспир посакувал да биде тоа што некогаш било, а Његош тоа што не може да биде. Распуштеното Собрание се најде во процепот помеѓу минато и сегашно време. Поранешниот претседател на Собранието застана на страната на авторот на „Тит Андроник“, а пратениците и нивните поддржувачи на страната на авторот на ,,Горски венец“ – посакуваат да биде тоа што не може да биде.
Уставниот суд пресече на штета на поддржувачите
Уставниот суд за кратко време пресече двапати на штета на пратениците и на нивните поддржувачи. Уставниот суд зазеде резолутен став – распуштањето на Собранието не е спорно. Едногласно ја отфрли иницијативата за оценка на уставноста на Одлуката за распуштање на Собранието од 16 февруари 2020, поднесена од страна на еден уставен судија. Претходно, на седницата од 15 април, постапи на ист начин и кон една друга иницијатива за истото прашање. Отфрлањето на првата иницијатива го смета за веќе ,,пресудена работа“. Поради тоа, одби повторно да расправа за иста иницијатива иако е поднесена по ,,службена должност“. Уставните судии знаат добро дека нивните одлуки се извор на уставното право и дека не можат да се менуваат за еден ист случај.
Работата е пресечена уште на 25 мај 2016 година кога Уставниот суд донесе одлука за поништување на две одлуки за распуштање на Собранието, донесени еднаподруга. Станува збор за поништувањето на Одлуката за распуштање на Собранието на Република Македонија од 18 јануари 2016 и на Одлуката за изменување на Одлуката за распуштање на Собранието на Република Македонија од 23 февруари 2016 година.
Првата одлука содржи два члена: ,,Собранието на Република Македонија се распушта“ (член 1); „Оваа одлука влегува во сила со денот на објавување во ,,Службен весник на Република Македонија“, а ќе се применува од 24 февруари 2016 година“ (член2). Втората одлука содржи еден член: „Оваа одлука влегува во сила со денот на објавување во „Службениот весник на Република Македонија“ (член 1).
Уставниот суд прво се произнесе за подобноста на одлуката за уставно судска оценка. Оцени дека Одлуката за распуштање на Собранието има карактер на правен акт со општо дејство (erga omnes tangit). Ги тангира сите граѓани подеднакво кои на непосредни избори го даваат својот глас за одреден пратеник и кои му го пренесуваат мандатот да одлучува во нивно име. Станува збор за општ а не за конкретен правен акт, иако носи назив „одлука“.
Во фокусот на вниманието на уставните судии се најде одложеното дејство на одлуките – правна финта на Собранието спротивна на Уставот. Првата одлука имаше одложено дејство од 26, а втората од 40 дена. Тоа значи дека распуштеното Собрание, преку одложеното дејство на донесените одлуки, самоволно си го продолжило мандатот во времето предвидено за одржување на предвремените избори. Уставниот суд констатирал дека во Уставот не е уредено прашањето за одложеното дејство на Одлуката за распуштање на Собранието. Отсуството на уставна одредба за такво прашање не може да се толкува дека Собранието има право да носи одлука за распуштање со одложено дејство. Одлуката за распуштање на Собранието не може да се поистоветува или компарира со одложеното дејство на законите или други нормативни акти.
Уставниот суд не прифаќа продолжување на мандатот на пратениците откако Собранието е веќе распуштено. Уставот не дозволува мандатот на пратениците да продолжи во случај на распуштено Собрание, ниту дозволува пратениците повторно да се вратат на заседание. Ни одложено дејство на одлуките за распуштање на Собранието, ни продолжување на мандатот на пратениците по распуштање на Собранието. Тоа се две клучни поенти на Уставниот суд содржани во неговата одлука за поништување на двете одлуки за распуштање на Собранието.
На распуштеното собрание не може да му помогне ни вонредната состојба. Уставот дозволува продолжување на мандатот на пратениците во воена и вонредна состојба само во случај кога Собранието е затечено од таквата состојба и кога неговиот четиригодишен мандат е при крај. Судот констатира дека состојбата на одложено дејство на одлуката за распуштање и продолжување на мандатот на распуштеното Собрание создава правна несигурност и значи повреда на владеење на правото. На таа позиција застана и поранешниот претседател на Собранието.
Ново а не распуштено Собрание
За потврда или за отфрлање на одлуките и правните акти донесени за време на вонредната состојба подобро е да расправа новото Собрание што ќе произлезе од парламентарни избори отколку распуштеното Собрание. И да се врати, распуштеното Собрание не би имало што да работи, освен да ги потврди формално донесените одлуки за прогласување вонредна состојба на претседателот на Републиката. Целокупната законодавна власт е пренесена од Собранието во Владата. За остварување, пак, политичка контрола на извршната власт во актите на Собранието не постојат утврдени процедури. Вонредната состојба е вон важечките акти на Собранието и фигурира само во уставниот текст.
Излезот од неуредената состојба треба да се бара, не во враќање на распуштеното Собрание, туку во новото Собрание што треба да произлезе од претстојните избори, кои треба да се одржат веднаш по престанокот на вонредната состојба. Тоа го налага нужноста а не демократијата. Треба да се покаже рационалност и осет за ред и дисциплина. Да бидеме Римјани, а не варвари. Тоа би била пораката на Тит Андроник кога би бил затечен од пандемијата во Милано или во Скопје.
Рационалноста нé присилува да го следиме правецот зацртан во Уредбата со законска сила од 21 март 2020 со која се утврдува динамиката на изборниот процес, започнат сo распишувањето на изборите на 16 февруари 2020. Изборните дејствија треба да продолжат како што е предвидено со наведениот акт – во рок од еден ден од денот на престанокот на вонредната состојба. Во ревидираниот роковник на ДИК за продолжување на изборните дејствија треба да се вградат и рокови за нови дејствија, како што се ажурирањето на избирачкиот список, пристапот кон избирачките места и начинот на гласањето. Последново треба да се формулира во тесна соработка со стручните тела од областа на здравството, водејќи сметка ниту една одредба од иновираната уредба да не биде во судир со непроменетите одредби од Изборниот законик.
Дополнувањата и измените на уредбата треба да стапат на сила пред престанокот на вонредната состојба, а уредбата правно ќе важи до нејзиното потврдување или отфрлање од страна на новото Собрание. Тогаш пред Собранието ќе се најдат на дневен ред за потврда и одлуките за прогласување вонредна состојба на претседателот на Републиката. Веднаш потоа, на дневен ред ќе дојдат и уредбите со законска сила и другите одлуки на Владата што ги донела за време на вонредната состојба. Некои од нив ќе бидат потврдени и ќе станат закони, други ќе бидат видоизменети или дополнети, а трети веројатно ќе бидат укинати во целост или само некои нивни одредби.
Настапот на претседателот на Републиката и на Владата пред новото Собрание треба да биде голем настан, со поглед назад кон вонредната состојба и со поглед напред, кон иднината. Треба да се осветлат и добрите и лошите страни на вонредната состојба и да се предложат нови мерки на законодавен, социјален и политички план. Тоа ќе биде неопходно бидејќи македонската држава е на крстопат како и другите држави во светот. На повидок е нова нормалност, различна од „нормалноста“ во која живеевме долго време пред вонредната состојба.