Точно 40 денови, или безмалклу месец и половина. Толку трае перформативниот протест со молк на активистот и актер, Стојан Велков – Трн. Почнува со возење велосипед по поладневните часови, од родното Босилово до Струмица. Потоа, еден час поминува на плоштадот „Гоце Делчев“ во Струмица, каде со залепена уста и транспаренти го покажува својот револт за нерешеното прашање за рудникот на злато и бакар кај селата Иловица и Штука.
Велков е еден од првите активисти во струмичко, кои мотивирани од отпорот на активистите во Гевгелија, почнаа да го мобилизираат населението, но и да издејствуваат локален референдум во општините Босилово и Ново Село за спречување на отворањето на рудникот.
Освен Стојан, протестираат и други активисти, пријатели но и граѓани – минувачи, кои ги гледаат и им се придружуваат за поддршка. Освен што објавува фотографии од протестите или прошетките во природа, Велков досега не давал изјави за овој чекор. Смета дека молкот и акцијата се посилни во моментов од било кои зборови.