• Sat. Nov 23rd, 2024

ЦРЈПР почна со реализација на нов прекуграничен проект – Противпожарните единици на Гевгелија и Струмица ќе добијат возила

ByВане Трајков

Jul 29, 2022

Центарот за развој на Југоисточниот плански регион започна со имплементација на проектот „Рано откривање на пожарите и нивно движење за превенција и справување со катастрофи – eFIDAR“. Центарот е проектен партнер во овој проект и го имплементира заедно со Регионот на Централна Македонија, Грција и Центар за управување со кризи, Република Северна Македонија. Проектот е финансиран од страна на Европската Унија преку Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Грција – Р. Северна Македонија, Реф. Бр. CN2-SO2.4-SC044.

Општата цел на овој проект е ефикасно откривање и управување со шумски пожари во прекуграничната област преку соодветни ИКТ алатки со цел зголемување на подготвеноста како и размена на практики меѓу двете земји. Развојот и имплементацијата на ИКТ системи за ефикасно рано откривање на шумски пожари, со зголемена прецизност, намалување ниски стапки на лажни аларми и способност за 24/7 работа ќе го покаже потенцијалот на ваквата иновативна технологија која ќе придонесе кон рано предупредување за ризик од катастрофи од шумски пожари.

Според студијата подготвена на барање на Комитетот за животна средина, јавно здравје и безбедност на храна на Европскиот парламент (2008), шумските пожари се најважната закана за шумите и шумските области во Јужна Европа, вклучувајќи го и географскиот опсег на програмската област.

Во Република Северна Македонија вкупната штета предизвикана од пожарите во периодот 2004-2013 година се проценува на околу 5,1 милиони евра. Покрај економските загуби, во 2012 година четири лица загинаа, а 12 лица беа повредени како последица на шумски пожари во нашата земја. Во Грција, шумските пожари во текот на 2018 година резултираа со 102 потврдени мртви, додека во летото 2007 година бројот на загинати изнесуваше 84 лица.

Минатата година, Република Северна Македонија во периодот јуни – септември 2021 година беше зафатена од повеќе шумски пожари. Во овој период, имаше 142 шумски пожари од кои беа зафатени 11.420 ха површината под шума.

Опожарената дрвна маса во шумите изнесува 482.106 м3, а износот на проценетата материјална штета изнесува 2.318.091.000 денари.

Промените во климата на балканскиот регион, исто така, се очекува значително да влијаат на фреквенцијата, големината и интензитетот на шумските пожари. Заедно со овој развој, постои зголемен ризик од пожари кои горат на периметарот на урбаните области, селата, фармите и туристичките центри.

Технолошките откритија се клучна сила што ја поттикнува промената во гаснењето пожари во дивината. Последните случувања во информациските и комуникациските технологии веќе имаат огромно влијание, особено во однос на системите за откривање шумски пожари. Постојат системи базирани на сателитски снимки, но тие не се користат во апликации во реално време поради нивниот долг циклус на скенирање, слаба резолуција и цена. Предложени се и други системи засновани на слики со краток опсег, користејќи оптички, инфрацрвени или термички слики. Сепак, некои од овие пристапи се многу по-осетливи што ги прави склони кон лажна тревога. Пристапот на проектот лежи во развојот на холистички пристап за превенција и управување со природни катастрофи, ризици и опасности, фокусирајќи се на ризикот од шумски пожари. Предлогот вклучува развој и оперативна евалуација на ИКТ системи за рано предупредување и управување со ризик од шумски пожари што овозможуваат системи за рано откривање пожари. Понатаму, воспоставува прекугранични мрежи на соработка за ефикасно спречување и управување со природни катастрофи и ризици и опасности поврзани со климата.

Капацитетот за спречување и одговор при катастрофи главно ќе се надгради преку иновативен, ефикасен и практичен, систем за откривање чад во реално време, далечинско согледување, кој ќе понуди зголемена точност за локализација на пожарот, ограничено доцнење за откривање, минимизирање на лажни аларми и следење на големи површини во 24/ 7 операција на избрани области со висок ризик.

Во исто време ќе се набават две специјализирани возила за територијалните противпожарни единици во Струмица и Гевгелија.

Малиот камион за спасување ќе биде за употреба на Територијалната противпожарна единица – Гевгелија која е одговорна и опфаќа простор од 3 општини во Југоисточниот регион, општина Гевгелија, општина Богданци и општина Дојран.

Возилото односно пикапот за прв одговор ќе биде за употреба на Територијалната противпожарна единица Струмица која е одговорна и опфаќа простор од 4 општини во Југоисточниот регион, општина Струмица, општина Василево и општина Босилово, општина Ново Село.

Југоисточниот регион се состои од само 10 општини и секогаш кога има поголем пожар во шумите многупати се зафатени најмалку две општини, затоа обично сите четири територијални противпожарни единици си помагаат со возила и човечки ресурси.

Имајќи го предвид ова, набавената опрема во рамките на овој проект ќе ги опслужува потребите на целиот регион.

Вкупна вредност на проектот изнесува 1,392,073.50 € од кои буџетот на ЦРЈИПР е 267,939.50 €.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *