Со претставата „Циркус Пирандело“ во адаптација и режија на Бојан Трифуновски, Народниот театар „Антон Панов“ во август ќе учествува на Меѓународниот џез театарски фестивал Нишвил во Србија.
Театарскиот џез фестивал е културен настан од меѓународен карактер кој традиционално се организира и одржува секоја година во Ниш од 2017 година, во првата половина на август како дел од традиционалниот „Нишвил џез фестивал“.
Од 4 до 13 август ќе се одржи Меѓународниот џез театар фестивал „Нишвил“ во Ниш, кој оваа година е под слоганот „И покрај тагата“. Во текот на фестивалските денови ќе настапат 16 претстави од Хрватска, Бугарија, Романија, Унгарија и Србија, а претставата „Циркус Пирандело“ ќе биде изведена на 4 август во 22:00 часот.
Во претставата играат: Стојан Велков, Коста Ангов, Ангелина Тренчева Ангелова, Танкица Стојанова, Ефтим Трајчов Ѓаурски, Ванчо Василев и Игор Тодоров. Сценографијата и костимите се на Љупчо Јованов.