Нови 575 жртви од Ковид-19 во Италија во еден ден, а новозаразени се над 16.000, објави агенцијата Анса, која го пренесе соопштението на Министерството за здравство.
Во три од 20 региони нивото на зараза е многу високо, а во уште 10 региони ризикот од ширење на заразата е среден или висок. Поради тоа властите воведоа строги антиковид мерки за следните денови.
Од денеска па до 6 јануари цела Италија ќе биде повторно блокирана, како и во време на божикните празници. Тоа значи дека сè е затворено – продавниците, рестораните, трговските центри, кафулињата, а на граѓаните им е забрането движење. На улица може само во исклучителни случаи, со потврда дека е неопходна, а од 22 до 7 часот е полициски час.
Анкета објавена од агенцијата покажува дека секој втор Италијанец поддржува антимерки и е подготвен да се придржува до нив.
За вечерва, на преминот од старата во новата година, најавени се строги контроли со цел да се спречи собирање на повеќе од дозволениот број луѓе.
Полицијата ќе ги контролира не само јавните простори, туку и како што е најавено, виртуелниот простор, т.е. мрежата, со цел да открие, евентуални, групни празнични прослави.
извор: Макфакс