Списанието за наука, литература, уметност и култура „Зенит“, што го објавува струмичкото здружение на граѓани „Иван Василевски“ имаше и хрватска промоција.
За време на својот престој во Задар, Хрватска, главната и одговорна уредничка на списанието Ана Витанова Рингачева го претстави списанието и пред членовите на Македонското културно друштво „Билјана“ во Задар, но и пред челновите на „Хрватското книжевно друштво“. Таму беше и еден од членовите на меѓународната редакција, Никола Шимиќ Тонин, кој изјавил дека списанието ти исполнува највисоките естетски и квалитативни критериуми.
Списанието досега е претставено на неколку меѓународни манифестации во земјата и регионот, а броеви на Зенит стигнаа до речиси сите европски земји преку меѓународната редакција, но и авторите кои објавуваат свои авторски материјали во Зенит.
Покрај што го промовираше списанието, Витанова Рингачева зборуваше и за улогата на општината во поддршката на културните настани. Општина Струмица целосно го финансира излегувањето на Зенит двапати годишно. За време на својот престој во Задар, каде ја прими книжевната награда Горан Бујиќ за 2019 година, универзитетската професорка го претстави и проектот Бренд Струмица, на чии промотивни материјали работеа познатите уметници и автори: Никола Маџиров, Александар Дончев и Марјан Ѕингаров – Ѕин.