• Fri. Nov 22nd, 2024

ХЕРА: Над 90 отсто од Ромките се без или со само основно образование

Невработеноста на жената Ромка е долгогодишен проблем во нашата држава. Само 4 Ромки се вработени на раководни позиции во јавните институции, а на другите, нераководни позиции, тие се застапени со само 0,47 отсто од вкупниот број на вработени. Од вкупно 7.647 лица кои ги користеле активните мерки и услуги за вработување во текот на 2019 година на национално ниво, само 169 се Ромки. Тоа го покажуваат податоците од истражувањето на Групата за застапување за еднакви можности при вработување, што се спроведе во текот на 2020 година.

Според податоците од Националниот оперативен план за вработување, стапката на невработеност кај Ромите и Ромките во однос на другите националности покажа дека дури 9,1 отсто од сите регистрирани невработени лица се Роми, потоа дека најголемиот дел од нив (13,27 отсто) се на возраст од 40 до 44 години, дека вкупниот број на регистрирани невработени Ромки на национално ниво е 94,08 отсто и тие се без образование или само со основно образование. Од 142 мониторирани институции на национално ниво, само 4 Ромки се вработени на раководни позиции.

„Овие фрапантни наоди укажуваат дека само со системски решенија може да се унапреди социо-економската положба на Ромките. Токму затоа, Групата за застапување препорачува АВРСМ да започне процес на креирање соодветни мерки за вработување на Ромките, да се стави фокус на докомплетирање на образованието и на специфични обуки за квалификации за вработување на Ромките на клучни раководни позиции заради можноста да креираат решенија во согласност со спецификите на оваа целна група. Апелираме до надлежните институции да ги земат овие препораки предвид при креирањето на следните мерки од Оперативниот план за вработување“, се вели во соопштението на ХЕРА.

Групата за застапување за еднакви можности при вработување е составена од Ромки, активистки и е формирана во рамките на проектот „Ромките застапуваат за еднакви можности при вработување“, кој го имплементира ХЕРА – Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување, со поддршка од шведската фондација „Квина тил Квина“.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *