Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче во вечерашното гостување во емисијата „Само Вистина” на Канал 5 Телевизија истакна дека во однос на есенскиот период, здравствениот систем е целосно подготвен за евентуалното зголемување на бројот на ковид пациенти.„Сакам да ги уверам граѓаните дека сме спремни со инфраструктура, медицинска опрема, и со кадар, а таму каде што нема обезбедуваме по веќе утврдениот систем на ротација. Подготвени сме и со лабораториски и дополнителни болнички капацитети, а по примерот на мини клиниката до Инфективната клиника и новата амбуланта на Клиниката за пулмологија, која ќе биде тријажен центар за Клиничкиот центар, поставуваме 16 алтернативни ковид центри низ градовите. Направивме и една целосна реорганизација на Клиничкиот центар, вклучително и на улиците, за да се олесни движењето на пациентите. Ги ангажираме и младите лекари. Имавме состанок со тукушто дипломираните и лиценцирани лекари. Огромен процент од нив сакаат да работат во ковид центрите. Обезбедуваме финансии да ги вработиме по завршувањето на платениот стаж. Целосно сме спремни, ако има некакво влошување на епидемијата да реагираме брзо и апсолутно секој пациент да добие соодветна, квалитетна, брза, навремена здравствена услуга.” – истакна Филипче.