Во текот на неделава закажани се два состаноци, во рамките на Светската здравствена организација и на Европскиот самит, а во врска со отворањето на границите, соопшти министерот за здравство, Венко Филипче.
Тој рече дека ќе мора заеднички, во рамките на регионот, да се носат одлуките, бидејќи залудна би била добрата стратегија на државата ако се отворат границите и без контрола почнат да се пуштаат патници.
„Утре е закажан состанок на СЗО токму за нашиот регион, а во среда Европскиот самит има дискусија за таканаречена ‘излезна стратегија’. Една од темите на двата состаноци ќе биде токму отворањето на границите. Зборував со моите колеги од регионот, грчкиот колега ме извести за отворање на границите во јуни, во мај тоа нема да се случи. Затоа, околу патувањата може да се зборува само после координацијата со соседните земји“, рече Филипче.