Загрижени од зачестените протерувања и неформални враќања на бегалци и
баратели на азил на европските копнени и морски граници, УНХЦР, Агенцијата на
ОН за бегалци, ги повикува земјите да ги истражат и прекинат овие практики.
„УНХЦР добива постојани извештаи за европски земји кои го ограничуваат пристапот
до азил, враќајќи луѓе откако пристигнале на територијата или територијалните води
и употребувајќи насилство врз нив на границите,“ изјави Помошник-високиот комесар
за заштита при УНХЦР, Џилијан Тригс.
„Неформалните враќањата се одвиваат на насилен и очигледно систематичен начин.
Чамците со бегалци се влечени наназад. Луѓето, штом стигнат на копно, се собирани
и потоа враќани на море. Многумина пријавуваат насилство и злоупотреби од страна
на државните сили.“
Исто така, лицата кои пристигнуваат по копнен пат се неформално притворани и
насилно враќани во соседни земји без да се земе предвид нивната потреба за
меѓународна заштита.
Конвенцијата за бегалци од 1951 година, Европската конвенција за човекови права и
законите на ЕУ бараат од земјите тие да ги заштитат правата на лицата кои бараат
азил и заштита од враќање, дури и ако влезат по нерегуларен пат. Властите не можат
по автоматизам да не дозволуваат влез или да ги враќаат луѓето без да извршат
индивидуална проценка на лицата на кои им е потребна заштита.
„Почитта кон човечките животи и правата на бегалците не е прашање на избор, туку
правна и морална обврска. Иако земјите имаат легитимно право да управуваат со
своите граници во согласност со меѓународното право, тие исто така мораат да ги
почитуваат и човековите права. Неформалните враќања се едноставно незаконски.“
рече Тригс.
„Правото на барање азил е основно човеково право. Пандемијата КОВИД-19 не е
исклучок; можно е да се обезбеди заштита од пандемијата и да се осигури пристап
до правична и брза постапка за азил.“
УНХЦР јасно ја изрази својата загриженост пред европските држави. Агенцијата за
бегалци повикува итно да се истражат наводните прекршувања и малтретирање, кои
се засноваат на веродостојни сведоштва и се потврдени од невладините
организации, медиумите и извештаи од отворени извори.