• Sun. Nov 24th, 2024

Улогата на писателите и литературата во ерата на лажни вести – Џенифер Иган: Писателите ни се потребни повеќе од кога било

Писателката Џенифер Иган, која е претседателка на ПЕН – Америка и лауреатка на Пулицер, вели дека лагата од позиција на авторитет ја поткопува вистината. Резултатот е мешавина од реално и измиселно, а тоа е дефиниција за психоза – опасна состојба на умот која ја прави една личност ранлива. Ризиците кои произлегуваат од лажните вести се подлабоки од насилството и лудоста што ги предизвикуваат, како и тоа што не’ прават подложни на странски влијанија.

Ако смислената дебата се деградира до „мојата вистина против твојата“, победник е оној кој вреска најсилно – или држи пиштол во раката. Под лажното дно на лажните вести се крие опасноста од самоволја.

Од една медиумска сфера која се гради врз база на скандали не може да се очекува да го реши проблемот со вулгаризирањето кое произлегува од лажните вести. Затоа ни се нужни писатели – и нужноста е итна.

Литературата, како и демократијата е изградена врз мноштво идеи. Песните, пиесите, есеите, биографиите, расказите и секоја друга форма на литературна дејност носат белези на сложениот спектар на светогледи и размислувања карактеристични за човечките суштества. Додека читаме и пишуваме, ние се присетуваме колку важни нешта се емпатијата, различното мислење и противречноста.

Литературата е противотров на беумната вулгарност – доброто против злото, ние против тие – што толку лесно се злоупотребуваат од оние кои бараат начин да не’ манипулираат.

Денеска треба да пишуваме, и тоа квалитетно, да ја кажеме целата вистина колку и да е сложена и збркана. Тоа е најдоброто оружје со кое располагаме за да помогнеме да се зачувува демократијата во која фактите се’ уште постојат и секој од нас може слободно да зборува.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *