Рекреативно донаторска трка во должина од 5 километри ќе се одржи утревечер со почеток во 19 и 30 часот во центарот на Прилеп, под мотото „Трчаме заедно за лицата со церебрална парализа“.
Пријавени се повеќе од 1.000 учесници, а од нив 400 се од прилепската конфекција со мешовит македонско-англиски капитал „Комфи-ангел“. За секој учесник во трката, Општина Прилеп обезбеди благодарници во замена за нивниот хуман гест. Котизацијата за учество на донаторското трчање е 100 денари, средства што ќе бидат наменети за набавка на дел од потребната опрема за Дневниот центар за лица со церебрална парализа, што ќе биде отворен во јули, годинава.
Со ставање во функција на Дневниот центар, после Скопје, Прилеп ќе биде втор град во државата, кој што ќе отвори ваков центар, со капацитет на згрижување од 25 до 30 штитеници.
Хуманитарниот настан е во организација на Општина Прилеп, „ГЕНТЕРМ Македонија“, „Комфи Ангел“ и Регионалната канцеларија на Стопанската комора.
извор:www.makfax.com.mk