Само три дена откако Шпанија ја укина вонредната состојба и влезе во нова нормала, коронавирусот избувна повторно во некои делови од земјата, предизвикувајќи загриженост пред неизвесната туристичка сезона.
Досега се регистрирани 13 активни точки на ширење на вирусот во меѓусебно оддалечени области на Шпанија.
Некои делови од источната провинција Арагон мораа да се вратат два чекори назад, во фаза на строги превентивни мерки, откако се зголеми бројот на новозаболени во последните денови. Таму, 45 лица од вкупно 108 во цела Шпанија се заразиле во последните 24 часа, според Министерството за здравство.
Вирусот исто така избувна во јужните крајбрежни градови Малага и Валенсија, како и во северниот град Валадолид и провинцијата Навара. Во каталонскиот град Леида, заразени се 18 лица во старски дом, вклучувајќи тринаесет пензионери и пет вработени. На Канарските Острови, локалните власти ги тестираат сите имигранти кои пристигнуваат со брод од Африка, откако имало 25 заразени патници во гумени чамци.
Министерот и портпарол на владата Марија Јесус Монтеро изјави дека пандемијата на коронавирус во Шпанија е под контрола и се одвиваше според очекувањата, така што владата не размислува да прогласи вонредна состојба ниту на краток ниту на среден рок.
Вонредната состојба беше укината по 98 дена и шест продолженија за време на кои на 47 милиони жители им беше дозволено да се движат ограничено без масовни собири. Од недела, границите се отворени и дозволени се туристички патувања, но досега нема значителни пристигнувања на патници во земјата или патувања внатре во Шпанија.
извор: makfax