Жетвата на пченицата е речиси на половина, а МЗШВ сè уште нема утврдено цена за откуп, изјави Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција.
Тој рече дека иако законскиот рок за утврдување на цена е 10 дена пред почеток на жетва, оваа година тоа не е направено.
„Имено, во услови кога сме на половина реализирана жетва, МЗШВ нема воспоставено систем на организиран откуп на пченицата, за што има законска обврска. Ги повикуваме Државниот инспекторат за земјоделство, Пазарен инспекторат, Биро за метрологија да излезат веднаш на терен. МЗШВ треба да одговори дали е изготвена динамика на откуп на дневна основа и дали е познат бројот на откупувачи кои ги исполнуваат условите за откуп на пченицата? Прашуваме зошто ДИЗ дозволува да нема истакнато цена на откупните места, а со тоа директно дозволува да се манипулира со трудот на македонскиот земјоделец“, истакна Трипуновски.
Тој смета дека откупната цена ќе биде очајно ниска и под секоја производствена логика. Додаде дека оваа година површините со пченица во Пелагонија се намалени за 40 проценти во споредна со минатата година, а доколку продолжи овој тренд се доведува во опасност производството на пченица.
извор:makfax