Зголемен е бројот на интервенции на Брзата помош. Повеќе од 15-тина повици секојдневно пристигнуваат до Итната медицинска помош во Струмица. Од службата за итни медицински интервенции велат дека граѓаните најчесто се жалат на гушење, омалаксаност, стомачни вируси. Не е мал ниту бројот на колапсите.
Топлото време ги погоди граѓаните, па затоа лекарите препорачуваат, избегнување на директна изложеност на сонце во периодот помеѓу 10 и 17 часот, добро миење на овошјето и зеленчукот, почесто миење раце, одржување повисока лична хигиена, како и да се внимава од каде се консумира храна.
И за следните неколку дена прогнозата не е смирувачка. Иако од вечерва се очекуваат врнежи од дожд и благ пад на температурата, од наредната недела живата во термометарот повторно ќе расте, велат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Поради зголемената посетеност на туристичките центри, но и излетничките и рекреативните места, од Територијалната противпожарна единица апелираат до граѓаните да се однесуваат внимателно кон околината, односно да не фрлаат отпадоци и да не палат оган како би се избегнал пожар од пошироки размери.