Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) во Општина Василево, донираше опрема за пластеници за 140 семејства, јавува Агенција Анадолија (АА). На свеченоста за дистрибуција на опремата присуствуваа амбасадорот на Турција во Скопје, Хасан Мехмет Секизќок, координаторите на ТИКА и на Институтот „Јунус Емре“ во Скопје, Халим Омер Согут и Серхат Кула, директорот на Фондацијата „Маариф“ во Северна Македонија, Мустафа Дилиоглу, градоначалникот на Општина Василево, Марјан Јаневи и голем број жители од општината.
Во своето обраќање пред жителите на Василево, амбасадорот Секизќок истакна дека ги носи поздравите и најубавите желби од претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, од турскиот народ и од почитуваниот министер за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу.
„Турција од денот на стекнување на независноста на Македонија отсекогаш била покрај неа. Нашето присуство денес овде е манифестација на ова разбирање. Отсекогаш ја обезбедувавме поддршката што ѝ е потребна на Македонија во областа на производството и вработувањето. И понатаму ќе продолжиме да поддржуваме во рамките на нашите можности. Никој не треба да се посомнева во тоа“, нагласи амбасадорот Секизќок, додавајќи дека ќе продолжат да го носат на овие простори искуството на Турција во областа на земјоделството.