• Fri. Nov 22nd, 2024

Ставен во функција стационарот Лана, Општина Струмица го решава проблемот со уличните кучиња

Врз основаната потреба од постоење на единица за соодветен третман на бездомни кучиња во Струмица и нејзината околина, како резултат на решителноста на општинската администрација и градоначалникот на Општината, денес со работа започнува современиот стационар “Лана“.

Основна цел на постоењето на Јавното претпријатие за заловување бездомни кучиња “Стационар Лана – Струмица“ е хуман третман и благосостојба на бездомните кучиња со што треба трајно и ефикасно да биде намален нивниот број. Програмата е заснована на методот ”залови – стерилизирај – вакцинирај – вдоми/врати”, која во синергија со методите за едукација, регистрација и подигнување на јавната свест ќе овозможи намалување на бројот на бездомни кучиња. На ваков начин се очекува намалување на ризикот од нарушување на јавното здравје (болести, напади, каснувања) и намалување на загадувањето на животната средина во градот и околината од овие причини.

Стационарот располага со вкупно 58 легла/боксови, каде, оперативно ќе работат: 2 ветеринарни лекари, 3 ветеринарни техничари, 2 заловувачи (со меѓународен сертификат) и 3 одгледувачи (со меѓународен сертификат). Процесот на иницијален третман на околу 500 бездомни кучиња од градот и населените места на Општина Струмица започнува веднаш, а во текот на следните 2-3 месеци, во соработка со Факултетот по Ветеринарна медицина, Сектор за благосостојба и Агенцијата за Храна и Ветеринарство е планирано броење на сите бездомни кучиња во Општината.

Со максимално хумано третирање на бездомните животни, програмата за работа на стационарот вклучува: заловување на животните, транспорт до стационарот, прием и преглед од овластен ветеринар, тест за социјализација, лабораториско испитување за одредени болести, идентификација и водење евиденција (чип и ушна маркичка), овариохистеректомија (стерилизација) и орхиектомија (кастрација), постоперативно сместување, лекување и нега, како и соодветна вакцинација и дехелментизација. По овој процес, секое заловено куче ќе има престој во стационарот до 30 дена – период во кој преку соодветен веб сервис ќе се поттикнува нивно вдомувањето. Во случај кога нема да има интерес, нивното повторно враќање е на  локацијата од каде биле заловени. Заради заштита на јавното здравје, многу болните и екстремно агресивните животни ќе бидат подложни на еутаназија, сé согласно законските прописи.

Со пуштањето во употреба на Стационарот „Лана“ практично почнуваме со решавање на еден од најголемите проблеми на струмичани, а тоа се бездомните кучиња скитници за кои имавме многу несакани ситуации, каснување на луѓе и во неколку случаи на деца. Додека во државата одредени општини декларативно се занимаваат со овој проблем, ние суштински и системски го решаваме и од денес општина Струмица е единствената општина во државата со свој сопствен стационар за бездомни кучиња. Јас ги уверувам граѓаните дека стационарот ќе ги дава посакуваните резултати. Особено ме радува фактот што веќе ги имаме и првите семејства, граѓани коишто сакаат да вдомат кучиња. Упатувам порака дека колку сме со поголема свест во однос на кучињата скитници и сакаме да ги вдомиме, толку помалку ќе имаме и кучиња скитници на улиците. Ако навистина ги сакаме животните, тогаш да им дадеме дом на сите“ – изјави Костадин Костадинов, градоначалник на општина Струмица.

Стационарот, покрај третманот на бездомните животни, во доменот на редовната работа има предвидено и организација на едукативни средби за зголемување на јавната свест и поттикнување на одговорно сопствеништво и вдомување на бездомни кучиња.

Со оперативниот план за работа на Јавното претпријатие за заловување бездомни кучиња “Стационар Лана – Струмица“ во период од 2 години е предвиден целосен третман на целокупниот број бездомни кучиња (заедно со новородените и новодојдените) на територијата на Општина Струмица.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *