Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска во Македонија, Чарлс Едмунд Гарет.
На средбата е поздравена определбата на премерот Заев и на новата Влада кон реформските процеси што треба да отворат перспективи за граѓаните и за државата, како и конструктивните и инклузивни политики, и неговиот искрен пристап да ја спои позитивната енергија во општеството кон општо добро.
Амбасадорот Гарет, во име на британската премиерка Тереза Меј му врачи и честитка на премиерот Заев, за неговото стапување на должност претседател на Владата на Република Македонија, со јасно изразена надеж дека новата Влада отвора пат за напредок на Република Македонија.
„После долгогодишна политичка криза, новата Влада има важна можност да ги имплементира многу потребните реформи“, стои во честитката.
Британската премиерка Меј ја охабрува посветеноста на Владата за зајакнување на влаедеењето на правото, спроведување на потребните судски реформи и градењето независни институции.
„Сите овие работи се важни за стабилноста на Македонија и напредокот на евро-атланскиот пат на Република Македонија“, стои меѓу другото во честитиката од премиерката Меј до премиерот Заев.
„Владата и јас како премиер сме силно посветени за видливо придвижување на реформскиот процес, што, како што е констатирано и со нашите партнери во Брисел, ги отвора евро-атлантските перспективи на Македонија“, рече премиерот Заев.
Претседателот на Владата, Заев, соопшти дека ги очекува првите резултати од реформите во септември, за кога изрази надеж дека ќе биде почната и втората фаза сериозни реформи потребни за квалитетот на живот за граѓаните и интеграциските процеси.
На средбата, премиерот Заев рече дека Владата е определена, во интерес на сите граѓани, да ги вклучи во реформските процеси граѓанскиот сектор, опозицијата, како и сите кои сакаат и можат да помогнат. Исто така премиерот Заев соопшти дека новата Влада е насочена да гради заедничка европска иднина со соседите, во интерес на стабилноста на регионот и негов развој.
Британскиот амбасадор Гарет, на средбата со премиерот Заев соопшти дека Велика Британија останува голем пријател на Македонија на патот на демократските и интеграциските процеси, во интерес на граѓаните на Македонија, како и одблиску заинтересирана за стабилноста, безбедноста и просперитетот на целиот регион.