Москва, 23 јуни 2018 (МИА) – Белгија убедливо го совлада Тунис со 5:2 во натпревар од групата Г на Светското првенство во Русија.
Белгиската репрезентација одигра одличен натпревар и благодарение на победата дојде на чекор до пласман во осминафиналето. За осигурување на пласманот тие ќе треба да почекаат до натпреварот помеѓу Англија и Панама.
Белгија во шестата минута поведе со голот од пенал на Еден Азар, а во 16-та минута Ромелу Лукаку беше прецизени и зголеми на 2:0. Две минути подоцна тунискиот фудбалер Дилан Брон намали на 2:1.
Во финишот на првото полувреме Лукаку повторно се запиша во листата на стрелците за водство од 3:1.
Азар во почетокот на вториот дел постигна уште еден гол и во 51-та минута го зголеми водството на 4:1.
Во 90-та минута Миши Батшуаији успеа да зголеми на 5:1, но Тунис веднаш возврати во судиското продолжение и Вахби Казри ги постави конечните 5:2.
Белгија сега има шест бода и е на првата позиција во групата, Англија има три и натпревар помалку, а Панама и Тунис се без бодови.
извор:www.kajgana.com.mk