Санкт Петербург, 27 јуни 2018 (МИА) – Аргентина ја совлада Нигерија со 2:1 во натпревар од групата Д на Светското фудбалско првенство во Русија. Со оваа победа и вкупно четири бодови Аргентина како второпласирана во групата обезбеди пласман во осминафинале и ја елиминираше Нигерија.
Аргентинската репрезентација на овој натпревар прикажа посигурна игра и доминираше на теренот. Аргентина имаше поголем посед на топката и изврши поголем притисок на нигерискиот гол.
Со голот на Лионел Меси во 14 минута Аргентина стигна до рано водство од 1:0, резултат со кој се замина на паузата.
Во вториот дел со гол од пенал нигерискиот фудбалер Виктор Мозес во 51-та минута израмни на 1:1.
Потоа следеше пад во играта на аргентинската репрезентација, што пак резултираше со неколку посериозни шанси за Нигерија.
Аргентинците во финишот на натпреварот се консолидираа и Маркос Рохо беше прецизен во 86-та минута за 2:1 и донесе победа за Аргентина.
На вториот натпревар од оваа група, Хрватска го совлада Исланд со 2:1 и го потврди првото место во групата со девет бодови и сигурниот пласман во осминафиналето.
Исланд остана на последното место на табелата со еден бод.
извор:www.kajgana.com.mk