Специјална плакета како признание и благодарност за тридеценискиот труд и учество во Струмичкиот карневал му додели организациониот одбор на Ѓорги Калајџиев, кој беше препознатливо лице на оваа манифестација. Синоќа, на самиот почеток на маскенбалот, членовите на организациониот одбор станаа и му се заблагодарија на Ѓорги за целата енергија што ја вложил во карневалот.
Ѓорги се заблагодари запејувајќи ја химната на струмичкиот карневал, за којашто го напиша текстот и рече дека тајната на успехот била голема љубов и посветеност. Присутните на маскенбалот ги потсети и на неговите хумористични настапи, по кои исто така че остане запаметен.
Калајџиев, кој е познат новинар, водител и автор, се повлече по речиси три децении водење и учество во струмичкиот карневал. Тој неодамна на својот фејзбук профил објави дека се повлекува од водењето на струмичкиот карневал и фестивалот на камерен театар Ристо Шишков, бидејќи во двете манифестации е по 25 години.
фотографија на Роберт Ѓоргиев