Носителот на листа во ИЕ 2, Оливер Спасовски, попладнево е на средби во општината Старо Нагоричане каде го објасни концептот за брза развојна економија, откако се обезбедени евро-атлантските интеграции и функционална правда како што бараат инвеститорите, со Законот за јавно обвинителство што денеска стапи на сила.
Со оглед дека најголем дел од жителите на општината се занимаваат со земјоделство, беше зборувано за повисоките и редовни субвенции, за исплатата на заостанатите субвенции од времето на режимската власт, којашто делеше земја на партиски луѓе и ги правеше феудални земјопоседници, а ги потценуваше трудот и потта на чесните и работливи земјоделци.
„Голем дел од вас се занимаат овде со земјоделство и да знаете кога велиме нова развојна економија, мислиме и на модерно, европско земјоделство. Во Програмата се обврзуваме на годишна финансиска поддршка од 200 милиони евра, за земјоделството и руралниот развој. Се обврзуваме на бесплатна зелена нафта, за сите земјоделци, до крајот на мандатот. Ќе има двојно повеќе пари за поврат на персоналниот данок за земјоделците. Ќе има 20-процентно годишно зголемување на поддршката на жени земјоделки. Ќе има бесплатна обука на фармери за поефикасно искористување на ИПАРД средствата. Ова е дел од предвиденото за земјоделците во Програмата на СДСМ“, рече Спасовски.
Тој нагласи дека модерно земјоделство и нова развоја економија се можни само со сигурна евро-атлантска иднина.
„Од каде пари? Ние ги насочуваме парите кон граѓаните, а режимската власт на ВМРО-ДПМНЕ ги крадеше за своите џебови и знаете дека ве уценуваа и ви се закануваа за исплата државни пари што ви следуваат. Тие мрачни времиња се минато. Со сигурната иднина што ја обезбедивме, препреките за развој на економијата се надминати. Станавме членка на НАТО, добивме одлука за почеток на преговорите со ЕУ. Со отворањето на поглавјата – 2.5 милијарди евра од европските фондови ќе бидат достапни за новата развојна економија, за зелена нафта за земјоделство, за конкурентност, за капитални инвестиции, канализации, патишта, водоводи. Нашата држава е најповолна за инвестирање во регионот поради сигурноста што ја обезбедивме и ако на стартот на интеграциите имаме 660 милиони евра странски директни инвестиции – со почетокот на преговорите со ЕУ и со воспоставената функционална правда што ја бараат инвеститорите, со право најавуваме и ќе имаме една милијарда едра странски инвестиции до крајот на мандатот“, рече Спасовски.
На средбите се разговараше за политиките на рамномерен регионален развој и за развојот како на градските така и на руралните средини, на што сме посветени, со што покажуваме грижа за сите.
„Постигнувањата во овој североисточен регион и во реонот на Старо Нагоричане го покажува тоа. Инвестиравме во овие три години како централна власт 1 милион 430 илјади евра за патна инфраструктура: за рехабилитација на регионалниот пат Младо Нагоричане – Пелинце, 820 илјади евра наменивме за регионален водовод за Младо Нагоричане, за којшто се почнати подготвителните активности. Во рамки на рамномерниот регионален развој, 10 проекти со вкупна вредност од 82 милиона 61 илјада 357 денари се завршени или се во фаза на реализација: за подобри услови за рурален развој, за развој на туризмот и мобилноста во Североисточниот плански регион, за заштита на животната средина, за подготвителни активности за повеќе локални патни правци. Никогаш вака како денес не се вложувало во нашата држава за рамномерен регионален развој, а можеме и уште повеќе и уште подобро, затоа продолжуваме во сигурна иднина и по 15 јули, рече носителот на листа во ИЕ 2, Оливер Спасовски, на средбите во Старо Нагоричане.
извор: makfaks