Собранието стартува со дебатата за прекројување на државната каса. Расправата во комисијата ќе трае 10 дена, а потоа има уште пет дена простор на пленарна седница. Со ребалансот државата планира повеќе да троши, за што дополнително ќе се задолжи, но планира да собере и повеќе пари, пренесува порталот Радио Слободна Европа
Приоритетите на Владата се подобро да се справи со пандемијата, па затоа ќе има повеќе пари за здравството, за вакцини и повеќе пари во програмите за поддршка во справување со последиците од ковид-19. Но, со предлогот за прекројување на државната каса се кратат пари за нови училишта, се кратат пари од Министерството за одбрана, се крати од парите за екологија.
Дебата, но не и опструкции, очекува министерот за финансии Фатмир Бесими при донесувањето на ребалансот на Буџетот. Дебатата за ребалансот стартува на 1 јули во матичната собраниска комисија за финансирање и буџет. За прекројувањето на државната каса ќе се расправа 10 дена во матичната комисија, во кој период нема да има пленарни седници, освен ако е нешто итно. Потоа буџетот оди на пленарна седница на усвојување за што ќе има уште пет дена можност за дебата.