Македонската ракометна репрезентација во „минута до 12“ обезбеди шанса за настап на СП во ракомет што утре започнува во Египет. Чешка го откажа настапот поради голем број заразени ракометари со коронавирусот, па Македонија како прва резерва утре попладне ќе патува кон африканската земја.
Селекторот на нашиот национален тим, Данило Брестовац по 22 години се враќа повторно во Египет – тогаш во 1999 година со Македонија првпат на СП како голман, сега на селекторската позиција.
Ќе води на ракометниот Мундијал 20 ракометари, дел стари добро познати имиња кои оставија силен печат во селекцијата, но и 7 дебитанти.
Мартин Томовски, Никола Даниловски, Димитар Димитриоски, Цветан Кузманоски, Ненад Костески, Дарко Георгиевски и Михајло Младеновиќ првпат ќе ја имаат привилегијата да играат во дресот со државниот грб на едно Светско првенство.
Тројца голмани патуваат за Египет – Никола Митревски, Мартин Томовски и Никола Даниловски.
На левата крилна позиција две солуции – Димитар Димитроски и Цветан Кузманоски.
На спротивната страна, како десни крила се пријавени Мартин Поповски и Ненад Костески.
За настап на левата бековска позиција конкурираат Филип Талески, Марко Мишевски, Дарко Георгиевски и Михајло Младеновиќ.
Во централниот бековски бедем се најдоа имињата на Филип Кузмановски, Марио Танкоски и Горан Крстевски.
На десната бековска позиција е незаменливиот Кирил Лазаров со поддршка од Мартин Велковски и Мартин Серафимов.
На позиција кружен напаѓач проверени сили – Стојанче Стоилов, Никола Маркоски и Жарко Пешевски.
Во составот на Брестовац за ова првенство ги нема голманот Борко Ристовски, левото крило Дејан Манасков (се чини на прв поглед неговото отсуство најмногу ќе се почувствува) и десното крило Гоце Георгиевски – Џомба. Дефанзивата ќе биде и без Велко Марковски.
извор: Макфакс